По изненадното заминување на главниот за дизајн во Apple, Алан Дај, кој не само што си замина од компанијата, туку отиде во Meta, голем дел од корисниците и аналитичарите помислија дека тоа значи и крај за критикуваниот Liquid Glass дизајн.
Според информациите, наводно внатре во компанијата многу поголема почит од вработените има човекот кој го наследи Дај, Стивен Лемеј, па очекувањата се дека тој ќе се насочи кон многу поприфатлив дизајн правец од овој сега.
Сепак, Марк Гурман, преку неговата најнова неделна објава, тврди дека Liquid Glass нема да биде променет во блиска иднина.
По голем дел од текстот во кој објаснува дека Apple минатата година кога повторно немале што да претстават ново поврзано со вештачката интелигенција, вниманието го насочиле кон големиот редизајн, тој истакнува дека и Лемеј со години има работено на Liquid Glass.
Тоа значи дека новиот дизајн не е дело само на Дај, а истиот има поддршка и од директорите во компанијата.
Кога на тоа ќе се додаде најавата дека iOS 27 и другите системи ќе немаат многу нови функции, а ќе се работи на нивно средување од аспект на грешки во кодот, перформанси и слично, работа на корисничкиот интерфејс нема да има многу.
Поголема промена на корисничкиот интерфејс може да се очекува во иднина, а со наредната верзија од системите од Apple може да се очекуваат помали промени во одредени делови.
Тоа што може да се очекува, според Гурман, а требало веќе да биде достапно, е избор за корисниците за нивото на проѕирност, односно „стаклен“ ефект кој ќе го има целиот систем.
Вакво нешто веќе е додадено за часовникот на „заклучениот екран“, па тоа може да се очекува за целиот систем.
Не е првпат доста корисници да не се задоволни кога е пуштен поголем редизајн на интерфејсот на iOS, па според Гурман тоа не е некој проблем за Apple, а и голем дел од корисниците немаат проблем.
Поголемо внимание изгледа ќе треба да се насочи кон средување на дизајнот кај macOS, каде што можеби промените предизвикуваат поголеми проблеми.









































