Многу компании целосно им го забрануваат пристапот до интернет мрежата на своите вработени, поради загриженоста за вируси, односно можност за хакерски напад од интернет мрежата. Сепак, отсега во Windows 10 Enterprise софтверскиот гигант ќе вградува исклучително безбедна верзија на прелистувачот Edge, која нема да дозволува влез во останатиот дел на оперативниот систем.
Сето ова е постигнато благодарение на Windows Defender Application Guard, кој целосно ја изолира апликацијата од оперативниот систем. Ова замислете го како Microsoft Edge да работи како посебна, виртуелна машина, а поточно, се работи за хардверска заштита која го третира прелистувачот посебно од останатиот дел од компјутерот, слично како „затвор со највисоко обезбедување“. Слични системи имаат и другите прелистувачи, но според Microsoft тие овозможуваат само 90% заштита.
Ова значи дека кога ќе го вклучите прелистувачот Edge на Enterprise верзиите на Windows 10, хакерите не би имале никаков начин да пристапат до останатиот дел на вашиот компјутер и со тоа да украдат сензитивни информации, односно да внесат некој вирус или малициозен програм во оперативниот систем.
Надградбата за Microsoft Edge за Enterprise корисниците сѐ уште не достапна, но од Microsoft ветуваат дека ќе почне да се испорачува на почетокот од 2017 година. Покрај подобрувањата во Edge, на Ignite конференцијата Microsoft претстави и Office 365 Advanced Threat Protection за Office пакетот на компанијата, кој ќе ги заштити корисниците од кликање на малициозни линкови.
Извор: Tech Crunch, Engadget, Windows Blog