Фото: Shutterstock.com

Во една од најновите тест верзија на Windows 11 е забележана нова системска функционалност која го олеснува пристапот до експерименталните опции на оперативниот систем, односно вклучувањето на нови функции кои се достапни, но неактивни.  

Истражувачот на софтверски промени, кој на платформата X е активен под псевдонимот Phantomofearth, откри дека Microsoft подготвува посебна страница наречена „Feature Flags“. Овој нов сегмент е лоциран во рамките на поставките за Windows Insider програмата, поконкретно во верзијата 26300.8155, каде што сè уште се наоѓа во скриена форма.

Досегашната пракса на Microsoft за тестирање нови функции подразбираше етапен пристап преку таканаречениот „Controlled Feature Rollout“ систем. Тоа значеше дека корисниците кои се пријавени за тестирање не ги добиваа сите новитети истовремено. 

За да го заобиколат ова ограничување и рачно да ги активираат скриените функционалности, напредните корисници мораа да се потпрат на неофицијални софтверски алатки од трети страни, како што е ViVeTool, алатка која функционира и на финалните верзии од Windows 11.

Со имплементацијата на интегрираната Feature Flags страница, оперативниот систем добива централизирано и официјално решение за оваа намена. Според објавените информации, страницата содржи преглед на достапните експериментални функции и нуди директни контроли за нивно вклучување или исклучување. 

Интерфејсот вклучува и копчиња за ресетирање на сите активни промени и примена на новите поставки, со што се елиминира потребата од користење командни линии за активирање на новитетите пред нивното официјално објавување.

Дека станува збор за планирана интеграција потврди и Маркус Еш, раководител за дизајн и истражување во Microsoft. Тој во одговор на првичната објава наведе дека компанијата наскоро официјално ќе ги образложи претстојните промени во поставките на Windows Insider програмата. 

Инаку, оваа функција може да се спореди со сличната на Chrome прелистувачот, која овозможува вклучување и исклучување на функции од страна на корисниците, кои не се официјално вклучени за сите.