По долг период на најави и постепено префрлање на опциите, Microsoft потврди дека планира целосно да го укине класичниот Контролен панел (Control Panel) во Windows 11.
Оваа информација беше потврдена преку изјави на инженери од компанијата, кои посочуваат дека фокусот во иднина ќе биде целосно насочен кон апликацијата за поставки (Settings). Сепак, поради тоа што ова не е првпат да очекуваме вакво нешто, ќе видиме дали оваа година навистина ќе биде направена промената.
Целта на оваа промена е да се понуди поунифицирано корисничко искуство, елиминирајќи ја потребата од навигација низ две различни менија за основните конфигурации на системот, нешто што реално требаше одамна да биде решено.
Транзицијата од Контролниот панел кон новата апликација за поставки започна уште со претставувањето на Windows 8 во 2012 година. Оттогаш, Microsoft континуирано ги префрлуваше функциите како што се управувањето со кориснички сметки, мрежните поставки и опциите за поврзани уреди во новиот интерфејс.
Сепак, поради комплексноста на оперативниот систем и потребата од компатибилност со постар софтвер и драјвери, процесот на миграција се одвива бавно, оставајќи го Контролниот панел како неопходна алатка за системските администратори и понапредните корисници.
Според информациите од компанијата, процесот на целосно отстранување одзема време бидејќи Контролниот панел содржи голем број специфични конфигурации за хардверски компоненти кои мора внимателно да се интегрираат во новиот систем без да се наруши нивната функционалност.
Истовремено, апликацијата за поставки континуирано добива освежен дизајн, подобрена прегледност и поддршка за темниот режим, со што се надминуваат претходните недостатоци кои ги принудуваа корисниците да се враќаат на постариот интерфејс.
За просечните корисници оваа промена нема да претставува голем предизвик, бидејќи повеќето секојдневни опции одамна се наоѓаат во новиот интерфејс.
Од друга страна, ИТ професионалците ќе мора да се прилагодат на новите локации за напредните мрежни и административни алатки.
Иако точниот датум за финалното отстранување на Контролниот панел сè уште не е прецизиран, јасно е дека Microsoft е решен да го заврши овој процес преку претстојните надградби на Windows 11 и идните верзии на оперативниот систем.
Дека повеќето промени може да се очекуваат оваа година можеме да заклучиме од најавите дека од компанијата ќе посветат ново внимание на Windows 11, а како резултат на големиот број на критики изминатите години, посебно по почнувањето на процесот на интегрирање на функции со вештачка интелигенција.











































