Првпат презентирана за време на Microsoft Ignite минатиот месец, Microsoft сега официјално ја најави „hardware-accelerated BitLocker“ функцијата која е дел од Windows 11 25H2 верзијата од Windows 11. 

Оваа нова функција ќе им овозможи на корисниците кои ги користат доста подобрите и побрзи NVMe SSD дискови, веќе да немаат проблем со забавување на нивниот компјутер кога работат со „поинтензивни“ апликации. 

Тоа значи дека корисниците кои играат игри, програмираат или работат со измена на видео содржина и слично, веќе нема да имаат проблем со перформансите од нивниот процесор, доколку ја имаат вклучено BitLocker функцијата на Windows 11, која овозможува шифрирање на дискот.

Работата со поинтензивни апликации би требало да биде иста како кога BitLocker е исклучен, барем така најавуваат од Microsoft. 

Причината поради која се јавува проблемот со перформансите е што новите NVMe SSD дискови овозможуваат доста поголеми брзини на пренос на податоци помеѓу хардверот, нешто за кое не е предвиден BitLocker. 

Новата функција на BitLocker ќе ги префрли „криптографските операции“ од главниот процесор на дедициран „крипто“ дел со што ќе дојде до значително ослободување на потребата од процесорот. 

Фото: Microsoft

Корисниците можат да очекуваат целосно искористување на процесорот, без „мешање“ од страна на BitLocker, а со тоа може да се очекува и подобро траење на батеријата кај лаптоп компјутерите. 

Дополнително, со оваа новина Microsoft најавува и подобра заштита на криптографските клучеви со нивно префрлување во посебен дел од хардверот, со што би се тргнала можноста за нивно пристапување од страна на слабости во процесорот и меморијата. 

Очекувано, оваа новина нема да им биде достапна на сегашните корисници, па може да ја очекуваат само тие кои ќе купат нов компјутер во наредниот период, поточно по излегувањето на третата генерација од Intel Core Ultra чиповите, а се најавува и достапност за чиповите од другите производители. 

Целата објава од страна на Microsoft можете да ја прочитате тука