Уште од пуштањето на Windows 11, поточно првата финална верзија од системот, стана јасно дека Microsoft нема да оди во правец да што повеќе корисници ги натера да го надградат својот компјутер.
Овој заклучок доаѓа од фактот што огромен број на компјутери не се компатибилни со Windows 11, а причината за тоа е условот за процесор кој го поставија од компанијата. Компјутерите треба да доаѓаат со TMP 2.0, но тоа не е единствениот услов, па дел од процесорите кои го имаат овој модул, сепак не се на листатата на компатибилни со Windows 11.
Очекувано, на корисниците им станаа достапни неколку неофицијални начини како да се заобиколи „блокадата“ од Microsoft, односно да го инсталираат Windows 11 и покрај тоа што немаат поддржан хардвер.
Според информациите, во наредните верзии од Windows 11 Microsoft сака да ја прекине оваа практика, па корисниците веќе да немаат никаква можност за заобиколување на условите.
Оваа одлука се’ уште не е официјална, но повеќе корисници пријавуваат дека со најновата тест верзија од dev каналот, тие веќе не можат да ги користат досегашните начини за заобиколување на блокадата.
Доколку од компанијата се одлучат да ја официјализираат оваа промена, сигурно истото ќе го видиме имплементирано во поголемата надградба која се очекува во наредните месец до два.