Со претставувањето на новата категорија на Copilot+ компјутери минатиот месец, Microsoft претстави и нова функција која ќе биде ексклузивно достапна за овие компјутери.
Новата функција е наречена Recall и истата буквално прави слика од екранот на неколку секунди, па потоа со помош на вештачката интелигенција овозможува пребарување од страна на корисникот на се’ што тој го има правено изминатиот период.
Ова уште од почеток делува како функција лоша за приватноста, но сепак од Microsoft истакнаа дека истата функционира само локално на уредот со новите чипови, што значи ништо од тоа што се „снима“ не завршува на серверите од компанијата или било кои други.
Сепак, безбедносен истражувач откри дека податоците од Recall се чуваат во обична дата база која не е шифрирана, односно се дешифрира со остатокот од дискот кога корисникот се најавува на компјутерот. Тој исто така откри дека е доста лесно да се дојде до податоците, а ова може да претставува доста голем ризик за голем број на корисници од страна на трети страни.
Microsoft објави дека ги слуша забелешките и дека тие ќе ги направат потребните промени кај Recall уште пред истата да им стане достапна на корисниците со новите компјутери кои ќе почнат да излегуваат од 18 јуни.

Од компанијата најавија три промени кај Recall кои мислам дека треба да ги намалат критиките. Првата се однесува на можноста уште при самото прилагодување на компјутерот првиот пат да се избере дали Recall да биде вклучена или не. Досега истата беше автоматски вклучена, па корисниците мораа да запаметат да ја исклучат подоцна преку Settings.
Втората промена донесува ново правило за вклучување на функцијата, односно корисниците ќе мора да го искористат Windows Hello за да ја вклучат Recall, а ова ќе биде потребно и за гледање на историјата на користење и нејзино пребарување.

Третата промена е можеби и најважна, а истата донесува шифрирање на дата базата од Recall и кога компјутерот е отклучен. Дешифрирање ќе се прави само кога корисникот има интеракција со податоците, а шифрирано ќе биде и индексирањето на дата базата за пребарувања.