Nova Launcher, името кое со години е синоним за приспособување на Android искуството, официјално влегува во нова ера. По неизвесноста која настана по веста за огромните кратења во тимот на претходниот сопственик (Branch Metrics), сега имаме потврда, Nova Launcher има нов сопственик и продолжува со развој.
Но, како што често бива во светот на технологијата, „спасувањето“ доаѓа со одредена цена која можеби нема да им се допадне на сите.
Иако официјалниот блог на Nova Launcher смирува со насловот „Nova е тука за да остане“, реалноста е дека развојниот модел мора да се промени за апликацијата да биде одржлива. Новиот сопственик, шведскиот Instabridge, планира повторно да го активира развојот на нови функции кои беа во застој со месеци.
Главната цел е Nova да остане најмоќниот „launcher“ на пазарот, но со воведување на постабилен модел на монетизација.
Најголемата новост (и најконтроверзната) е најавата за воведување на реклами во бесплатната верзија на апликацијата. Досега, бесплатната верзија на Nova беше позната по тоа што беше „чиста“ и нудеше солиден дел од функциите без никакви пречки.
Според новата стратегија:
Бесплатната верзија: Ќе содржи реклами (најверојатно во делот за поставки или во листата со вести).
Nova Prime (Платената верзија): Корисниците кои веќе ја купиле Prime верзијата или ќе ја купат во иднина, нема да гледаат реклами.
Приватност: Тимот ветува дека рекламите нема да го нарушат корисничкото искуство и дека приватноста на податоците останува приоритет.
За да можат да ги платат програмерите кои ќе го одржуваат кодот модерен и компатибилен со новите верзии на Android, од компанијата мораат да имаат постојан прилив на средства.
За многумина, воведувањето реклами во системска алатка како што е Nova е „црвена линија“.
Секако на крајот, ова е одлична вест за фановите на Nova и ваквите апликации, а ќе видиме во периодот што следи дали оваа апликација ќе го задржи стилот и вредноста или сепак ќе мора да останеме на алтернативите.










































