OneDrive десктоп апликацијата, која во поновите верзии од Windows доаѓа интегрирана со системот, ќе престане да функционира за постарите верзии од Windows од идната година. Поточно, апликацијата прво ќе престане да добива надградби од 1ви јануари 2022, а потоа почнувајќи од 1ви март 2022 истата ќе престане да функционира, односно веќе нема да ги синхронизира датотеките со „облакот“, односно со серверите.
Оваа промена важи за Windows 7 и Windows 8 и Windows 8.1, верзии од Windows кои се веќе доволно стари. Microsoft со ова ги насочува корисниците да ги инсталираат двете поддржани верзии од нивниот систем, Windows 10 или Windows 11.
Корисниците на постарите верзии ќе можат да пристапат до своите датотеки преку интернет прелистувач, преку кого можат да ги симнуваат и прикачуваат, но сепак губењето на можноста тоа автоматски да се прави е големо губење на функционалноста на OneDrive.
Оваа промена не важи и за бизнис корисниците кои ќе можат да продолжат да го користат OneDrive на Windows 7 или Windows 8.1 до 10ти јануари 2023 година, односно до датата на продолжената поддршка за овие системи.