Можноста за бесплатна надградба на Windows 10 од постарите верзии на оперативниот систем истекува за нешто помалку од еден месец, поточно на 29-ти јули. Тактиките кои ги користеше Microsoft за да ги потсети и мотивира корисниците да ја искористат понудата изминатите година дена станаа познати кај корисниците.
Со оглед дека до крајот на понудата има уште помалку од еден месец, по што ќе бидат тргнати и Get Windows 10 потсетувањата, Microsoft ќе пушти уште едно последно потсетување до корисниците кое овој пат ќе биде на целиот екран.
Како што може да се види и од сликата погоре, потсетувањето ќе биде на целиот екран, што значи корисниците нема да може да го игнорираат, а на него ќе биде истакнато следното:
„Се извинуваме што ве прекинуваме, но ова е важно. Понудата за бесплатна надградба на Windows 10 завршува на 29-ти јули.“
Исто така во пораката се истакнува дека од компанијата им препорачуваат на корисниците да ја прифатат понудата и да го инсталираат Windows 10, најсигурниот Windows досега. Тие што сепак ќе одлучат дека Windows 10 не е за нив, може да се вратат на претходната верзија во рок од 31 ден.
За разлика од претходната практика кога не беше овозможено да не се прифати понудата, корисниците кои ќе го видат последниот потсетник ќе може да ја прифатат понудата, да ја одложат, како и да ја откажат целосно и да не бидат веќе потсетувани.
Потсетувањето на нема да им биде прикажано на корисниците кои:
- Ја имаат инсталирано најновата Get Windows 10 апликација
- Ја имаат избрано опцијата да не бидат повторно известени
- Компјутерот не им е компатибилен со Windows 10
- Го имаат избришано Windows 10 по надградбата на него
- Имаат направено неуспешна надградба
- Ги имаат скриено Get Windows 10 известувањата
- Ја имаат исклучено надградбата преку неколкуте можни начини
По истекот на понудата Windows 10 ќе се продава по редовните цени кои беа стандардни и за претходните верзии на Windows, па на корисниците им се препорачува да овој месец ја искористат понудата, доколку немаат решено дека дефинитивно не би сакале да го инсталираат оперативниот систем.