Windows 10 Redstone е кодното име по коешто неофицијално се нарекува наредната поголема верзија на овој оперативен систем. Почнувајќи од Windows 10, оперативниот систем ќе добива почести надградби, наместо како порано да се чекаат повеќе години за вклучување на нови функции. Новите функции во главно ќе бидат пуштани како што ќе бидат развивани, па може да се очекуваат по една до две поголеми надградби во годината.
Според извори на порталот WinBeta, Redstone надградбата, која што треба да биде првата поголема надградба на Windows 10, ќе биде поделена во две посебни надградба од кои едната треба да биде пуштена за корисниците до јуни оваа година. Другата според информациите е одложена од оваа есен за идната пролет.
Иако првите Insider верзии од Redstone веќе се достапни за Windows Insider корисниците, тие во главно вклучуваат заднински промени, па не може да се види што може да се очекува од финалната верзија во јуни.
Она што се очекува од Windows 10 1606 (Redstone) во главно е продолжување на унифицирање на оперативниот систем низ разните уреди на кои работи. За таа цел се очекува ставање акцент на платформата за универзални апликации коишто треба да бидат зајакнати со официјалното пуштање на „мостовите“ за iOS и Win32 апликации.
Исто така се очекува претставување на повеќе наслови од игри кои ќе бидат достапни на Xbox One и PC.
Интересна е најавата за проширување на значењето на Continuum функцијата којашто моментално се користи за можноста за користење на мобилниот на поголем екран како десктоп компјутер. Според информациите оваа функција ќе го означува секое поврзување и проширување на функционалноста на еден уред во комбинација на друг.
Пример за ова е очекуваната можноста за примање и испраќање на SMS пораки од Windows 10 мобилниот уред преку десктоп. Исто така се очекува овозможување на правење на повици директно од десктоп компјутерот.
Уште една работа којашто се очекува, а е можеби најважна за голем број од корисниците, е конечното пуштање на поддршката за додатоци на Microsoft Edge. Оваа поддршка веќе неколку пати беше одложувана, а е една од најважните за успехот на овој интернет прелистувач кој не покажува знаци на масовна прифатеност од страна на корисниците.
Во оваа верзија исто така се очекуваат и стандардните подобрувања на перформансите на оперативниот систем, како и дополнителни подобрувања на корисничкиот интерфејс. Центарот за нотификации треба да добие унапредување во начинот на интеракција со нотификациите.