Во рамките на SDC23, Samsung официјално ја претстави наредната генерација од нивниот оперативен систем за мобилните, односно нивната измена на Android, One UI 6.
Првата бета верзија од One UI 6 беше пуштена во август оваа година, па истата сега е подготвена за пуштање кај сите корисници на кои им следува.
Исто како што е случајот со Android 14, One UI 6 не е голема надградба во споредба со минатата година, но затоа го продолжува започнатите подобрувања и го потврдува одличното корисничко искуство.
Тука се секако и стандардно не така малиот број на позадински надградби, па корисниците ќе забележат побрза работа, како и подобрување кај анимациите низ корисничкиот интерфејс.
Како главна новина се истакнува преработениот Quick Panel, дел од интерфејсот кој слободно може да се каже дека е еден од најчесто користените од страна на корисниците.
Од Samsung оваа промена ја презентираат како освежување кое донесува интуитивен изглед и чувство, со поставки групирани заедно за лесно користење.

Исто така, претставен е и нов фонт, One UI Sans, за кој се наведува дека треба да го подобри читањето преку екраните.
Како дел од новините кои се поврзани со Android 14, корисниците на Samsung добиваат подобрување на работата со слики и видеа, а тука се Object Eraser, како и нова апликација за измена на видеата, Samsung Studio.
Нема точни информации за тоа кога може да се очекува почетокот на надградбата на уредите, а како и секогаш, први може да ја очекуваат сопствениците на најновите модели.