Фото: Google

Гласините кои со месеци ги следиме околу плановите на Google за иднината на нивните оперативни системи, конечно добија и визуелна потврда. Благодарение на најновите „протечени“ информации и видео материјали кои случајно се појавија на сервисите на Google, за првпат можеме да видиме како во реалноста изгледа новиот проект кој ќе биде наречен Aluminium OS. 

Овој оперативен систем не е само козметичка промена, туку претставува темелна трансформација која треба да ги обедини мобилниот свет на Android и десктоп искуството на ChromeOS во еден модерен и функционален хибрид кој ќе им конкурира на Windows и macOS.

Визуелниот концепт на Aluminium OS открива интерфејс кој е длабоко инспириран од Android 16, но прилагоден за работа на поголеми екрани и со користење на глувче и тастатура. На прв поглед, системот изгледа како рафинирана мешавина на познатиот ChromeOS и модерниот Gnome десктоп кај Linux. Статусната лента на горниот дел е нешто повисока и содржи редизајнирани икони за батерија и Wi-Fi, додека во централниот дел на долната лента се наоѓа копчето за „старт“.

Она што посебно привлекува внимание е интеграцијата на Gemini вештачката интелигенција, која сега има свое посебно место и е достапна со само еден клик, потврдувајќи ги најавите дека овој систем е граден со фокус на ВИ функциите.

Една од најзначајните промени кои ги забележуваме во Aluminium OS е начинот на кој се третираат апликациите и нивните надградби. „Протеченото“ видео покажува дека Google Chrome на овој систем сега поддржува екстензии на ист начин како и на десктоп верзијата, што беше една од најголемите пречки за корисниците на Android таблети досега. 

Како што веќе пишувавме во претходните текстови на оваа тема, ова движење е дел од пошироката стратегија на Google за соработка со Qualcomm, со цел да се создаде хардвер кој ќе може максимално да ги искористи можностите на новиот Aluminium OS. Иако сѐ уште се работи за рана фаза на развој и системот во моментов се тестира на веќе постоечки Chromebook уреди, јасно е дека целта на Google е да создаде еден универзален код кој ќе работи подеднакво добро на паметни телефони, таблети и лаптоп компјутери. 

Ова би значело крај за ChromeOS како што го знаеме и почеток на нова ера во која Android ќе стане целосно способен десктоп оперативен систем.