Никола Ѓеоргиев реши да ја искористи појавата на генеративната вештачка интелигенција и да направи нешто што до пред некоја година реално не беше можно, барем не од страна на еден човек и без работа од повеќе години. 

Резултатот е првиот македонски оперативен систем, а според него и во светот, наменет за децата од 8 до 12 години, преку кого тие би можеле да учат да програмираат, односно за првпат да се запознаат со оваа страна на компјутерите. 

Една од клучните функции на SmileyOS е што тој доаѓа без можност за поврзување со интернет, доста клучна карактеристика со оглед на тоа што е наменет за деца, а исто така поради тоа децата нема да може да имаат пристап до TikTok и слични мрежи кои би се сложиле дека не се баш најдобри за нив. 

SmileyOS е направен во Rust програмскиот јазик и е резултат на сега веќе популарното „вајб“ кодирање, односно кодот за системот во најголем дел е генериран од страна на вештачката интелигенција, иако за ваков проект мора контролата и барањата да бидат направени од страна на програмер кој сепак разбира што прави. 

Кодирањето е направено преку познатата апликација Cursor, позната баш по користењето на вештачката интелигенција и ВИ агентите, а користен е Opus 4.5 Max јазичниот модел. 

Засега SmileyOS е во фаза на развој, што значи дека сегашната верзија 1.6 може да се смета за еден вид на бета, па Никола најавува дека верзија 2.0 ќе може да се смета за финална. 

SmileyOS е замислен да може да се користи на било кој компјутер, а препорачано е и на постари. Системот во основа функционира директно од USB уред, па тоа дополнително го олеснува процесот на започнување на користење, без потреба од било каква инсталација.

Засега, SmileyOS има повеќе од 81.000 линија код, кои му донесуваат функции како Boot Screen, кориснички интерфејс, вграден терминал, вградени апликации и игри, работа со повеќе апликации во исто време, зачувување на податоците на компјутерот, вграден програмски јазик со апликација за програмирање, подршка за глувче, можност за избори на теми, „фајл менаџер“ и повеќе. 

Најдобра презентација на SmilleyOS може да направи Никола, а во продолжение можете да го погледнете видеото со целосното објаснување на системот. Наскоро, Никола најавува и книги кои би се користеле за учење на системот, како и учење на програмирање од страна на децата.