Microsoft ја надгради Android верзијата на нивните два Surface Duo уреди со Android 12L и со тоа ги донесе некои од новините на овој систем за корисниците на овие уникатни уреди со дупли екрани.
Најважниот дел од надградбата е измена на дел од корисничкиот интерфејс и негов редизајн во стилот на Windows 11. Со тоа корисниците треба да добијат унифицирано искуство со нивниот Windows компјутер и на крајот да им биде полесно да го користат нивниот Surface Duo.
Промените кои се направени да се исти или слични со Windows 11 вклучуваат нови икони, бои и контроли, но за почеток тоа најмногу се забележува во „Quick Settings“ и „System Settings“. Делот за брзи прилагодувања е направен да изгледа скоро како на Windows 11, па мора да се признае дека ваквите елементи го подобруваат корисничкото искуство.

Android 12L е тука за да ги донесе можностите за промена на боите на системот кои се менуваат зависно од поставената позадина, а Microsoft вклучи и нови позадини со различни бои.
Оваа верзија од Android, која е развиена специјално за ваквите уреди, донесува и подобри анимации, како и повеќе оптимизирано функционирање на уредот, а тука се и новите прилагодувања за приватност.
Како изгледа новата надградба на Surface Duo и Surface Duo 2, можете да погледнете на секогаш одличните видеа од Windows Central на овој линк.