Најдобриот извор на информации за се поврзано со Apple, Марк Гурман, веќе најави дека годинешната надградба на watchOS ќе биде најголемата уште од претставувањето на Apple Watch.
Подоцна тој излезе со дополнителни информации, што точно мисли со тоа најголемата досега, односно какви новини треба да очекуваме.
Дали е во право ќе дознаеме идниот месец, односно за време на WWDC 2023 конференцијата на која ќе ги видиме новите верзии од сите оперативни системи од Apple, а се очекува и најавата на уредот за проширена реалност.
Главната новина која Гурман ја најавува за watchOS 10 е воведувањето на нов дел со „виџети“, нешто што драстично го менува стилот на Apple Watch. Виџети имаше во првите неколку години по претставувањето на Apple Watch, но од компанијата се решија да ги тргнат.
Како што истакнува Гурман, виџетите ќе овозможат корисниците да ги добијат некои од информациите без потреба од вклучување на апликациите. Тие кои се прикажуваат на самиот часовник обично се во мала форма и не секогаш прикажуваат информации.
Виџетите се планира да бидат прикажани во посебен дел кој би можел да се вклучи врз било која апликација или часовник, односно нешто слично како што тие за првпат беа овозможени кај iOS. Корисниците ќе можат да повлечат и да ги видат поставените виџети, низ кои ќе можат да повлекуваат со прстот за да ги видат различните.
Дополнително, споредба се прави со моментално достапниот часовник со Siri, каде автоматски избрани виџети се прикажуваат и менуваат од горе надолу.
Гурман претпоставува дека поради големата промена во функционирањето, оваа новина можно е првично да биде достапна по избор, односно корисниците да можат да ја вклучат или исклучат.
Исто така, можна е промена и на функцијата на круната од страна, односно нејзиното притискање да ги вклучи виџетите, наместо да го врати главниот екран.