Една од предностите кои ги имаат корисниците на прилично затворениот Apple систем е поврзаноста на сите уреди и нивното функционирање како да се еден уред, до некаде.
Handoff е функцијата достапна на уредите од Apple која ја има веќе 10 години, а им овозможува на корисниците да продолжат одредена активност започната на еден уред, на друг уред. На пример, доколку отворите некоја веб страна на мобилниот, истата веднаш се прикажува на долната лента од Mac компјутерот, па може истата да се продолжи да се чита на компјутерот.
Ова важи за било која активност започната на апликациите од Apple, па и другите и го овозможува познатото искуство кое бара корисниците да имаат повеќе уреди од компанијата.
Windows 11 оваа година ќе добие нешто слично, иако за жал од тоа што сега е прикажано, ни приближно како што е случајот со Apple.
Во Canary каналот од Windows Insider, поточно верзијата 27788, Microsoft ја претставува функцијата „Resume“. Истата не е целосно нова, но сега посериозно започнува да биде тестирана и го добива новото име.
Со Resume, корисниците ќе можат да продолжат со работа на започнатите документи од Word, Excel и PowerPoint на нивните Android и iPhone телефони, на нивниот Windows 11 компјутер.

Се што ќе треба да се направи е да си притисне на известувањето кое се појавува и документот ќе се отвори во соодветната апликација на Windows 11.
Оваа новина е замислена да функционира само кога Windows 11 компјутерот е заклучен, а корисникот ќе го отклучи во рок од 5 минути од кога има работено на некој документ на неговиот телефон.
Секако, тука е и потребата корисникот да е најавен со истата Microsoft сметка на двата уреди, но нема поддршка за бизнис сметките засега.
Со оглед на тоа што оваа новина се тестира во Canary каналот, не може да се очекува баш скоро, па можно е истата да стане достапна со поголемата годишна надградба која обично станува достапна во октомври или ноември.