Најновата тест верзија од Windows 11, поточно од Canary каналот, донесува две мали новини кои требаше да бидат достапни уште од почетокот. Се работи за можноста за прилагодување на две дополнителни можности за глувчето на корисникот, кои досега беа достапни само преку стариот Control Panel и неговиот застарен кориснички интерфејс.
Двете нови можности се „Enhance pointer precision“ и „Scrolling direction“, а оваа втората можност не беше ни достапна во Control Panel поради некоја причина.
Можеби овие две можности не се којзнае колку важни и потребни за корисниците, но тоа не значи дека Microsoft досега не требаше да ги вклучи. Првата често ја користат „гејмерите“, односно истата ја исклучуваат за да не им пречи при играњето на игри.
Втората е станата важна во последните години поради тоа што на еден начин го симулира начинот на користење на екраните на допир кај мобилните уреди.
Сепак, на крајот важноста на овие додатоци во главно доаѓа поради тоа што се’ уште чекаме Microsoft да ги префрли сите прилагодувања од Control Panel во Settings и првата конечно да биде и целосно тргната од Windows 11.
Поголемиот број на најчесто користени прилагодувања се достапни во Settings, но сепак, не е ретко да корисниците бидат однесени на стариот кориснички интерфејс за да прилагодат нешто на нивниот компјутер.
Ова е и една од причините зошто Windows 11 не ја добива популарноста која би сакале да ја има од Microsoft.