
Иако може да се каже бавно, сепак Windows почнува да станува попривлечен систем и за другите корисници, кои не се „гејмери“ или обични корисници кои работат со Office пакетот.
Додавањето на, кратко кажано, Linux во самиот систем направи доста за корисниците кои имаат потреба од алатките кои ги нуди Linux, но сепак имаат потреба од Windows.
Сега Windows ќе ја добие една од почесто користените „алатки“ од страна на програмерите и инженерите на Linux и macOS, а тоа е командата „Sudo“. Оваа команда се користи за извршување на повеќе задачи, како инсталирање на апликации, промена на прилагодувања, пристап до папки и датотеки и слично, со користење на администраторски привилегии на корисникот.
Оваа команда се користи преку апликации кои овозможуваат пристап до терминал, односно командна линија, како што се PowerShell, Command Prompt и било кои други.
Microsoft се’ уште официјално ја нема најавено оваа новина, па до истата доаѓаат од Windows Latest кои истакнуваат дека е случајно пуштена во тест верзиите од Windows 11, а е дел од Windows Server тест верзиите.
Sudo како команда ќе може да се вклучи преку системските прилагодувања за програмерите во Windows 11, а засега не е познато кога може официјално да се очекува.