Повеќето компании кои сакаат да бидат сигурни дека нивните податоци и апликации, кои сега најчесто се хостирани на серверите од големите ИТ компании, ќе бидат сигурни, најчесто истите ги чуваат на две места.
Ова можеби донесува доста поголемо ниво на безбедност и достапност, но претставува доста сериозен зафат за ИТ секторите, а често поврзувањето на двата сервиси во „облакот“ подразбира софтверска, но и физичка работа.
Amazon поради тоа го претставија AWS Interconnect – multicloud системот, кој кратко кажано, овозможува едноставно поврзување со други сервери, односно сервиси во „облакот“.
За почеток од компанијата соработката ја започнуваат со Google, односно и од таа компанија го претставија нивниот Google Cloud Cross-Cloud Interconnect.
За корисниците ова ќе значи многу поедноставен процес на поврзување доколку ги користат сервисите од овие две компании, а прилагодувањето треба да биде исто како на едниот сервис, со можност за конкретно закупување на простор и брзина на комуникација.
„Претходно, за да се поврзат давателите на услуги во облак, клиентите мораа рачно да постават сложени мрежни компоненти, вклучувајќи физички врски и опрема; овој пристап бараше долги временски рокови и координација со повеќе внатрешни и надворешни тимови. Ова можеше да трае со недели или дури месеци. AWS имаше визија за развој на оваа можност како унифицирана спецификација што може да ја усвои кој било давател на услуги во облак и соработуваше со Google Cloud за да ја пласира на пазарот.“ – истакнуваат од Google.
Очекувано, оваа новина за почеток е достапна во ограничен број на земји, а сигурно со тек на време ќе биде понудена за сите корисници.
Можноста за едноставно поврзување на „бекап“ сервиси сигурно ќе придонесе до тоа повеќе компании да ја користат оваа логика, а со тоа да се заштитат од потенцијалните проблеми.









































