Фото: Proton

Швајцарската компанија Proton со претставувањето на нивниот најнов производ, може да се каже дека стануваат целосна конкуренција на „големите компании“, односно на Google и Microsoft. 

Од компанијата ја претставија нивната конкуренција на Excel и Sheets, наречена Proton Sheets. Како и сите други производи од Proton, така и Sheets доаѓа со целосна заштита од пристап до податоците, односно со од-крај-до-крај шифрирање. 

Ова е и главната карактеристика која ја нудат од Proton, за било кој од нивните производи, па логиката е дека корисниците добиваат исти или слични функции, но со приватност кој не е баш карактеристична за конкурентите. 

Proton Sheets, како што кажува и самото име, како и споредбата со конкурентните решенија, е апликација за работа со табели и е достапна само преку веб, односно како веб апликација. 

Со тоа може да се каже дека Proton Sheets повеќе се директна конкуренција на Google Sheets и веб верзијата од Excel. 

Покрај стандардните и познати предности на шифрирањето на сервисите, а во случајот на Proton тука се вклучени и мета податоците, од компанијата посебно внимание посветуваат на заштитата во време на вештачката интелигенција. 

Тие точно истакнуваат дека нивните конкуренти ја интегрираат вештачката интелигенција во сите нивни производи и директно се истакнува дека податоците од корисниците се користат за тренирање на јазичните модели. 

„Повеќето луѓе користат табеларни апликации развиени од големите ИТ компании, компании чиј бизнис модел се потпира на монетизација на вашите податоци. Големата технолошка компанија може дури и да биде тековен или иден конкурент. Тие ги дизајнираат своите производи за да им овозможат пристап до вашите информации. На пример, Google ја вгради својата алатка за вештачка интелигенција, Gemini, во Sheets. Иако изгледа како корисен асистент за податоци, страницата за поддршка на Google ве предупредува да не споделувате ништо доверливо со Gemini бидејќи може да биде прочитано од рецензенти или искористено за подобрување на нивната вештачка интелигенција.“ – истакнуваат од Proton. 

Proton Sheets ги овозможува повеќето функции очекувани од една ваква апликација, како можност за креирање на табели и графикони, користење на формули за пресметки, соработка на еден документ од страна на повеќе корисници и слично. 

Proton како дел од својата понуда на корисниците им овозможува и работа со документи преку Proton Docs, а тука се и Proton Mail, Calendar, Drive, Meet, Pass, Authenticator и Lumo AI