Според информации од Bloomberg, YouTube веќе тестира нешто поевтина претплата за сервисот од сега достапната Premium претплата. Истата чини различно зависно од земјата, а во Македонија YouTube Premium корисниците ги чини 8,49 долари месечно.
Со оваа претплата корисниците добиваат пристап до сервисот без никакви реклами, а исто така и пристап до YouTube Music без реклами. Покрај оваа главна карактеристика, која не е мала со оглед на тоа колку реклами се прикажуваат на сервисот, корисниците добиваат и пристап од одредени функции кои често се дополнуваат.
Според информациите, новата претплата би била наречена Premium Lite и корисниците би ги чинела помалку од сегашната Premium. Главната разлика на новата претплата би била што реклами би се прикажувале на музичките видеа, но на останатата содржина нив ќе ги нема.
Ова значи дека Premium Lite претплатата би била одлична за корисниците кои сервисот во главно го користат за гледање на видео подкасти, односно емисии, а не за слушање на музика.
„Како дел од нашата заложба да им овозможиме на нашите корисници повеќе избор и флексибилност, тестираме нова понуда за YouTube Premium со повеќето видеа без реклами на неколку наши пазари,“ изјави портпарол на YouTube за Bloomberg. „Се надеваме дека со поддршка од нашите партнери, оваа понуда ќе ја прошириме до уште повеќе корисници во иднина.“
Нема информации за тоа кога може да се очекува сервисот во целиот свет, а најавите на Bloomberg истакнуваат дека тој се тестира, а наскоро се очекува во САД и Австралија.