Најдобар начин да се тестира некоја промена кај сервисите е да се пушти на кратко за мал број на корисници, па потоа да се видат реакциите, пред да се продолжи во наредната фаза.
Вака Twitter корисникот Sindowne има забележано редизајн на YouTube, поточно на десктоп верзијата од овој сервис.
Од сликата која ја има објавено, може да се види доста голем редизајн, односно донесува доволно промени за да може да се каже дека драстично излегува од досегашниот стил.
Описот на видеото, како и коментарите, се преместени на десната страна од видеото. Ова е доста голема промена за коментарите кои сега се под видеото на скоро целата ширина од екранот.
Под видеото, во новиот дизајн, поставени се предлозите за видеа, па со тоа се гледа дека главната цела на YouTube е корисниците да гледаат видеа, па да пуштат наредно, па наредно. Коментарите не се сметаат како толку важни, но тие сепак се тука за тие кои сакаат да ги видат, а и да коментираат самите.
Не е познато колку се решени од Google да го пуштат овој редизајн за сите корисници, а и дали ќе има дополнителни промени. Можно е по реакциите на корисниците да се направат помали промени, за разлика од оваа слика која прикажува доста драстична промена.