Паметните телефони последниве неколку години се немаат особено променето. Да, имаат подобри камери, поостри дисплеи и побрзи перформанси, но во глобала ги вршат истите функции – по малку социјални мрежи и Pokemon Go. Akyumen Holophone е нов натпреварувач на сцената кој сака целосно да го промени ова, обидувајќи се да ги вклопи функциите кои досега ги вршеа паметниот телефон, таблетот и лаптопот.
Идејата е мошне едноставна – телефонот има 7 инчен Full HD дисплеј и можност за користење на два оперативни системи – Android Lollipop и Windows 10. Додека за првиот оваа големина на дисплеј е сосема доволна, за десктоп Windows 10 секако дека не е и затоа телефонот доаѓа со вграден пико – проектор, кој може да прикаже HD резолуција на скоро секој ѕид кој можете да го замислите.
Ова значи дека за забава овој таблет/телефон може да го користите како Android таблет, додека за посериозна работа можете да го проектирате целосниот Windows 10 десктоп на ѕид, да приклучите маус и тастатура и да бидете продуктивни. Уредот исто така доаѓа со Saberetooth Pen дигитално пенкалце, кое овозможува пишување и цртање на самиот дисплеј. Сето ова во уред кој реално може да се смести во Вашиот џеб…
Перформансите би требало да бидат исто така солидни – процесорот е Intel Cherry Trail 8300 помогнат од 4 GB рам меморија и 128 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Уредот дури има и две камери – 13 мегапиксели назад и 5 мегапиксели напред, но и разочарувачки мала батерија од 2.910 mAh, која сигурно нема да може да овозможи долго користење на таблетот со пуштен проектор, па и воопшто при користење на Android оперативниот систем.
Цената на Akyumen Holophone Phablet почнува од 750 долари за модел со Saberetooth Pen, високо квалитетни слушалки, држач за на маса и заштитна фолија за дисплејот. Помоќните модели вклучуваат и дополнителни батерии за уште 5 часа траење и Bluetooth звучник (850 долари), односно џојстик за играње (950 долари).
Интересно, Akyumen ќе понуди и специјална верзија за студентите, која ќе чини 600 долари и ќе има малку послаби додатни компоненти, како слушалки и звучници.