Двојните камери стануваат се поприсутни кај паметните телефони. Некои производители ги вградуваат назад, со цел да ги подобрат перформансите на камерата, а некои напред, со цел трикови како „замачкување“ на позадината позади лицето на корисникот. Сега, Alcatel лансира смартфон кој има двојна камера и напред и назад и се вика Alcatel Flash.
Кај Flash, камерите имаат слични трикови како кај конкурентите. Задната има два сензори со 13 мегапиксели и f/2.0 бленда, но едниот сензор е црно бел и помага во фотографии со повисок контраст и острина, а овие камери имаат поддршка и за RAW „дигитален негатив“. Предните камери пак имаат 8, односно 5 мегапиксели и заедно можат да овозможат лесно одделување на субјектот од позадината, односно постигнување на ефект на плиток фокус (ова го можат и задните камери).
Останатите спецификации се прилично солидни. Дисплејот има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, процесорот е Helio X20 со десет јадра на MediaTek, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор. Телефонот е опремен и со батерија од 3.100 mAh, која се чини како мала за толку голем смартфон, а во задниот дел има читач за отпечатоци на прстите за поголема безбедност.
Цената и тоа кога и каде ќе биде достапен овој модел се уште не се познати, но бидејќи се работи за Alcatel, може да очекуваме да биде достапен и за оние со поплиток џеб.