Pixi-3-press-main

Досега, на таблет сцената главни натпреварувачи беа iOS, Android и Windows 10, но отсега им се придружува и мобилната верзија на овој третиот, која е пред се наменета за вградување во паметните телефони. Еден од првите вакви таблети е Pixi 3 на Alcatel, кој ќе биде сместен во ниската класа.

Се работи за 8 инчен модел со резолуција од 1280х800 пиксели, па очекувајте дека на дисплејот ќе може лесно да го распознаете секој посебен пиксел. Прилично слаб е и процесорот – основниот Snapdragon 210 со четири јадра на 1,3 Ghz, помогнат од само 1 GB рам меморија.

За разлика од таблетите со целосен Windows 10, овој има вграден GPS, како и 4G конекција, што значи дека можете да го користите дури и како телефон! Секако, на самиот таблет нема звучник и микрофон – за тоа ќе ви требаат слушалки, што е и добар потег, бидејќи никој не би сакал да зборува на толкав таблет.

Pixi-3-press-1

Таблетот има капацитет за складирање податоци од само 8 GB, но тој може да се прошири преку micro SD картичка, а Windows 10 Mobile дозволува инсталирање на апликациите и на неа. Батеријата пак има капацитет од 4060 mAh, што треба да е доволно за два дена користење, особено поради послабиот процесор. Камерите имаат 5 назад, односно 2 мегапиксели напред.

Pixi 3 инаку има Windows 10 Mobile оперативен систем, кој е оној истиот кој можете да го најдете во Lumia телефоните. Ова значи дека тој би требало да работи доста побрзо и помазно отколку таблетите со целосен Windows 10, но од друга страна не може да пушта целосни десктоп програми, што значи дека би бил неупотреблив како „лаптоп“ ако евентуално се поврзе со тастатура.

Цената на Pixi 3 ќе изнесува 199 долари, што е прилично поволно со оглед на можностите, иако ќе беше добро да имаше барем Snapdragon 410 процесор и 2 GB рам меморија.

Извор: Engadget, Windows Central, NDTV

Претходна статијаGoogle Play Store доби поддршка за промотивни кодови
Следна статијаNetflix не сака да пристапувате до содржината којашто не е достапна во вашиот регион