
Денеска Amazon го претстави својот прв паметен телефон на кој што претходеа доста шпекулации, прво за можноста за неговото претставување, а потоа и за можните карактеристики. Меѓутоа шпекулациите се веќе дел кој што претходи на сите претставувања на уреди од големите компании и го прават чекањето и времето измеѓу поинтересно.
Amazon Fire Phone е името кое што го избра оваа компанија за својот прв телефон, што не е големо изненадување поради користењето на ова име во другите уреди. На почеток ќе се продава само во Америка и тоа на AT&T операторот каде што ќе биде достапен по цена од 199 долари со две годишен договор за сервис. Што се однесува до карактеристиките, Fire Phone доаѓа со следните:
- 4,7 инчен IPS LCD HD екран со резолуција од 1280 x 720 пиксели и густина на пикселите од 315 ppi
- Димензии од 139.2mm x 66.5mm x 8.9mm, со тежина од 160 грама
- 2.2GHz Quad-core Snapdragon 800 процесор и Adreno 330 графички процесор
- 2GB RAM меморија
- 32 и 64 GB внатрешна меморија за складирање на податоци
- 13 мегапикселна задна камера со multi frame HDR, автоматски фокус, оптичко стабилизирање на сликата, f/2.0, LED флеш
- 2,1 мегапикселна предна камера
- 2.400 mAh батерија која што треба да овозможи разговори до 22 часа, 285 часа во мирување, 11 часа гледање на видео и до 65 часа слушање на аудио
- Fire OS 3.5.0
- GPS, Assisted GPS, GLONASS, Wi-Fi/Cellular location и Digital compass
Како и што беше очекувано, Fire Phone вклучува функција која што го издвојува телефонот од конкуренцијата. Се работи за четири дополнителни камери поставени на четирите агли од телефонот кои што го следат движењето на главата на корисникот и со тоа овозможуваат 3D ефекти на екранот. Ефектите во основа овозможуваат менување на перспективата на работите што ги гледате на екранот, со што се добива впечаток дека и тие се движат со движењето на уредот и главата на корисникот. Оваа функција на уредот е наречена Dynamic Perspective.
Од останатите функции се издвојуваат Mayday и Firefly. Mayday е сервис кој што им овозможува на корисниците 24 часовна поддршка каде што можат да пријават било каков проблем поврзан со телефонот или сервисите. Firefly е сервис кој што врши препознавање на книги, филмови, игри, CD-а, храна и слично и е наменет за премиум сервисот за нарачки достапни за американските корисници.
Fire Phone доаѓа и со два стерео звучника кои што овозможуваат Dolby Digital звук со Surround ефект. Телефонот исто така доаѓа со можност за поврзување на втор екран со што се овозможува гледеање на филмови на Fire TV уредот од компанијата.
Во продолжение погледнете го видеото од Cnet порталот во кој што се прикажани главните карактеристики на Amazon Fire Phone.