Една од работите кои никогаш не се сменија уште од првата генерација на iPhone е големото копче во долниот дел, кое има функција за враќање на почетниот екран, односно неколку секундарни функции со долго држење или дупло стискање, а во поновите модели и можност за читање на отпечатоци од прстите.
Сепак, големото копче значи и многу поголеми димензии од Android и Windows Phone конкурентите, кои скоро целосно преминаа на виртуелни копчиња, вградени во самиот оперативен систем. Поради големото копче, iPhone 6 Plus е голем дури и колку некои 6 инчни телефони, иако има екран од само 5,5 инчи.
Затоа, во наредните генерации на iPhone, Apple спрема виртуелно копче. Сепак, немојте да помислите дека ова копче ќе биде обично, како што се копчињата во Android, бидејќи и покрај тоа што ќе биде вградено во екранот и натаму ќе има можност за читање на отпечатоците од прстите. Исто така, благодарение на Force Touch технологијата, корисникот ќе има чувство како да притиска вистинско копче, а не само на екранот на допир.
Ова ќе се постигне со новата технологија наречена “Touch and Display Driver Integration”, односно TDDI, која ќе овозможи поврзување на сите досегашни технологии за допир со драјверите за дисплејот. Интересно, оваа технологија прв ја разви познатиот производител на тачпади за лаптопи, Synaptics, но се очекува Apple да развие свое решение.
Поради ова, конечно можеме да очекуваме вистински напредок во дизајнот на предниот дел на новите iPhone-и, односно многу помали димензии за истата големина на екраните. Овие промени би можеле да ги видиме уште од наредната година, кога треба да бидат претставени iPhone 7 и 7 Plus моделите.