feature-bbm.png.original

BlackBerry беше еден од најпознатите производители на мобилни телефони, а посебно кај бизнис корисниците. Тие беа, а може да се каже и дека уште се, препознатливи по физичката тастатура која што ги вклучуваше сите копчиња од стандардните QWERTY тастатури. Тоа им овозможуваше на корисниците кои што ги користеа овие телефони за пишување на email пораки, да многу полесно и побрзо ја прават таа активност во споредба со тогаш другите достапни телефони.

Меѓутоа со претставувањето на iPhone и почетокот на масовно користење на телефоните со екрани на допир, BlackBerry почна да го губи својот пазарен удел и популарност за да денес дојде до незначителен околу 1%. Новите паметни телефони овозможуваа користење на email, но и многу други нови апликации за секаква намена. Деловните корисници се повеќе почнаа да го користат новиот iPhone, како и покасно Android.

Оваа недела BlackBerry претстави нов телефон кој што е направен во стилот на старите и познати од оваа компанија. Наречен BlackBerry Classic, ја вклучува познатата QWERTY тастатура, како и копчињата за навигација. Овој телефон е направен, како што и самото име кажува, да изгледа како старите класични BlackBerry телефони, од времето кога тие уште беа популарни.

Можеби доста корисници ќе се запрашаат, зошто BlackBerry би претставиле ваков телефон сега, кога веќе одамна тие не се популарни. Меѓутоа, можеби баш поминатото време и огромниот број на паметни телефони може да има предизвикано одредена заситеност кај корисниците, па не би било за изненадување тие да сакаат да пробаат нешто ретро. Ова посебно би можело да важи повторно за бизнис корисниците кои што мобилниот телефон им е потребен за неколку функции, а не за играње и проверување на Facebook и слични активности.

feature-hub.png.original

BlackBerry Classic доаѓа со квадратен екран со големина од 3,5 инчи и резолуција од 720 x 720 пиксели. Се разбира, иако се работи за телефон кој што е направен да изгледа како постарите модели, тоа не значи дека не вклучува екран на допир, па корисниците ќе можат да го користат и како што се научени со новите паметни телефони.

Работи на постариот Qualcomm MSM8960 Snapdragon чипсет со Dual-core 1.5 GHz Krait процесор и вклучува 2GB RAM меморија. Има 16GB вградена меморија за складирање, а поддржува и SD картици до 128GB. Исто така, работи на најновата верзија од BleckBerry 10 оперативниот систем.

Камерите на уредот вклучуваат 8 MP сензор на задната камера, како и 2 MP сензор на предната. Батеријата е со капацитет од 2.515 mAh и од BlackBerry најавуваат можност за 22 часа на издржливост на истата.

BlackBerry Classic треба да почне да се продава веднаш зависно од операторите, а цента по која што ќе може да се купи посебно е околу 450 долари.

Извор: BlackBerry, The Verge, Официјална страна

Претходна статијаApple ја прекина онлајн продажбата во Русија поради падот на рубљата
Следна статијаМоето искуство со Андроид 5.0 Lollipop на Nexus 7 (2012)
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.