Не многу одамна, пред помалку од една деценија, првиот избор кога ќе паднеше на памет модерен смартфон, беше Blackberry. Сепак, работите во мобилната телефонија се менуваат исклучително брзо и еднаш моќниот производител, сега е на работ на пропаст, со учество на светскиот пазар од мизерни 0,4%.
Канадскиот производител неколку пати, со различни стратегии, но пред се со лансирање скапи телефони од високата класа, се обиде да го возврати катастрофалниот удар што го зададоа Android и iOS уредите, но се тоа беше неуспешно. Со најновиот паметен телефон, Leap, компанијата влегува во средната класа на паметни телефони. Исто така, после лансирањето на Z3 минатата година, ова е првиот смартфон на компанијата од новата генерација кој нема физичка тастатура. Телефонот ќе има вграден Blackberry 10 OS, кој има можност и за Android апликации.
Се работи за стандарден телефон со 5 инчен екран на допир, со HD резолуција од 1280х720 пиксели, што значи дека густината на пикселите изнесува 294 ppi (пиксели по инч), во време кога многу од моделите во сегментот нудат и Full HD панел. Сепак, тежината на самиот телефон е скоро како кај 6 инчен телефон, со 170 грама, што можеби ќе даде чувство на цврстина, но на многу може и да им пречи.
Процесорот е исто така од постарата генерација и тоа Snapdragon S4, кој конкурентите го користеа пред околу 3 години и кој има две јадра и брзина од 1,5 GHz. Процесорот е помогнат од 2 GB рам меморија, додека вграден е и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка. Blackberry Leap е послаб од помодерната конкуренција и кога е камерата во прашање, со задна камера од 8 мегапиксели и предна од само 2 мегапиксели.
Цената на отклучен Leap, во САД ќе изнесува 275 долари, што го прави еден од поскапите модели во сегментот. Во време кога многу од конкурентите нудат камери со повеќе мегапиксели, подобри екрани, поразвиени оперативни системи и пред се, многу помоќни процесори (Snapdragon 615 или 410), навистина не гледаме како новиот Blackberry би ја спасил компанијата.