01.png.original

Можеби BlackBerry уредите не беа најмногу користени од обичниот корисник, меѓутоа сепак кога се работеше за бизнис корисниците, користењето на еден од уредите од оваа компанија претставуваше нешто што денеска може да се каже за Apple уредите. Сериозните бизнисмени скоро секогаш со нив го носеа својот BlackBerry уред, за кого постоеше угледот дека е сигурен и нуди решенија кои што ниту еден друг производител не ги нуди на тоа ниво.

Сепак со излегувањето на iPhone, како што тоа сакаат да го кажат од Apple, работите се променија и мобилните телефони користени до тогаш веќе изгледаа како нешто старо и малку корисно. Полека пазарот беше преземен од Apple, а потоа од и денеска најмногу продаваните Android уреди. Во тие случувања на пазарот, BlackBerry не успеаја доволно добро да се прилагодат, па денеска тие имаат помалку од 1% од пазарот. Од компанијата се обидоа да ја вратат својата популарност со претставувањето на нови уреди кои што се во форма на денеска стандардните екрани на допир, како и нова верзија од својот оперативен систем. Како што повеќето од вас знаат, тоа не им беше многу успешно, па пазарниот удел остана, односно дури и се намали.

Денеска BlackBerry го претстави веќе неколку месеци најавуваниот Passport, нестандарден модел кој што можеби ќе им го донесе саканиот успех, овој пат директно насочен кон бизнис корисниците. Најинтересната и различна од другите карактеристика на Passport е неговиот екран. Тој не доаѓа во правоаголната форма во која што се направени повеќето мобилни телефони, туку во квадратна форма која што го прави широк колку што е и висок. Претпоставувате, размерот на екранот изнесува 1:1 и навистина на прв поглед предизвикува внимание, без разлика дали се работи за чудење или друг вид на реакција.

Екранот на BlackBerry Passport доаѓа со резолуција од 1440 x 1440 пиксели и големина од 4,5 инчи. Се разбира тој е екран на допир и може да се користи како и било кој модерен екран.

Исто така со овој модел BlackBerry ја враќа популарната физичка тастатура која што е збогатена со неколку нови функции. Покрај за пишување, тастатурата вклучува е сензори за допир, па истата можете да ја користите и нешто слично како touchpad на лаптоп компјутер.

Од другите карактеристики, Passport вклучува Qualcomm Snapdragon 800 чипсет со 2.2GHz Quad-Core процесор и Adreno 330 графички процесор. Доаѓа со 3 GB RAM меморија, како и 32 GB внатрешна меморија со можност за нејзино проширување со micro SD до 128 GB. Батеријата е со капацитет од 3.450 mAh, а доаѓа и со камера со 13 мегапиксели на задната страна и 3 мегапиксели на предната.

BlackBerry Passport работи на најновата верзија од BlackBerry OS, односно 10.3, која што доаѓа со неколку новини, меѓу кои и персонален асистент во стилот на Siri, Google Now и Cortana.

Иако со нестандардна форма, Passport сигурно можете да замислите зошто би бил интересен за бизнис корисниците. Неговата форма сигурно ќе се најде како доста корисна при прегледувањето на email пораките, читањето на веб страните и слични активности. Кога на тоа ќе се додаде и физичката тастатура, пишувањето на овој телефон сигурно ќе биде многу полесно од екраните на допир.

Претходна статијаAlba, штедлива и автономна сијалица која ја учи својата средина
Следна статијаДали вашиот мобилен телефон може да се свитка ?
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.