Веќе неколку пати пишувавме за Blackberry Priv, првиот телефон со Android на канадскиот производител. Телефонот ќе се натпреварува во високата класа и ќе има прилично моќни спецификации, а ќе биде и единствен со хардверска тастатура, што веројатно ќе им се допадне на традиционалистите, или пак сите кои сакаат да пишуваат без премногу да гледаат во тастатурата.
Самиот уред ќе биде опремен со Snapdragon 808 процесорот, кој не е најсилниот од Qualcomm, но се покажа дури и како подобар во некои сегменти од 810-ката, бидејќи не прегрева при долго користење. Ќе биде помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Батеријата ќе има капацитет од 3410 mAh. Импресивна треба да биде и камерата, која ќе има сензор од 21 мегапиксели и специјална леќа од реномираниот Schneider-Kreuznach.
Екранот ќе има големина од 5,4 инчи во дијагонала и резолуција од 2560х1440 пиксели, што значи дека Priv повеќе ќе конкурира во сегментот на таканаречените „таблет – телефони“. Екранот е благо закривен на страните, слично на Edge серијата на Samsung, но Blackberry веројатно нема да вклучи посебни можности во софтверот, како можност за нотификации или лансирање на посебни апликации од страните.
Софтверот ќе биде Android, веројатно најновиот Marshmallow и ќе биде без никаков скин над него, што треба да овозможи брзи надградби на поновите верзии. Сепак, BlackBerry ќе вклучи DTEK апликација за безбедност, која ќе ги штити личните податоци на корисникот, како што тоа го правеа сите телефони на канадскиот производител досега. Ова всушност ќе биде и најголемиот адут на овој телефон, покрај хардверската тастатура.
Се уште немаме информации за тоа кога BlackBerry Priv ќе биде пуштен во продажба, но тоа со сигурност ќе се случи наскоро.
Извор: The Next Web, Techno Buffalo, Ubergizmo