Само пред пет години ова се чинеше како незамисливо, но дојде време кога Blackberry веројатно мора да го прифати поразот од Apple и Google и да влезе во Android водите.
Според некои информации, новиот телефон на Blackberry ќе биде на лизгање, што сигурно ќе задоволи многу од вљубениците во ретро телефоните. Со лизгањето надолу ќе се открие qwerty тастатура, која е заштитен знак на производителот од Канада и која треба да овозможи поголема продуктивност.
Самиот телефон ќе биде рамо до рамо со најдобрите во Android светот и ќе има 5,4 инчен екран со висока резолуција од 2560х1440 пиксели, шест јадрениот процесор на Qualcomm, Snapdragon 808 и 3 GB рам меморија.
Напредок ќе има и во камерите – задната ќе има 18 мегапиксели, додека предната ќе има 5 мегапиксели. Се очекува и поддршка за снимање на Ultra HD видео, како што веќе можат многу од конкурентите во високата класа.
Софтверот треба да биде Android, но со неколку подобрувања вградени од Blackberry, особено во делот за заштита на податоците. Имено, канадскиот производител беше и познат по тоа, односно по можностите за енкриптирани email пораки и повици, нешто што секогаш е добредојдено во отворен систем како Android.
Сето ова што го напишавме погоре не мора да значи дека ќе се исполни, но можноста за ваков модел на пазарот секако дека ќе ја дочекаме со отворени раце.
Извор: Techno Buffalo