gsmarena_001

Неспретни сте со телефонот и често ви паѓа од рацете? Ви се случило да го потурите со вода или пиво? Има решение и за Вас – новиот S50c паметен телефон на CAT е отпорен на удари и вода и би требало без проблем да издржи се што би можело да му се случи во животниот век, со еден мал недостаток – има послаби перформанси.

CAT на многумина им е веќе познат по робусните обувки, но и на градежните машини кои се меѓу најдобрите во бизнисот. Тие досега веќе имаа лансирано и неколку паметни телефони, а овој новиот е веројатно најцврстиот досега. Прво, има IP67 заштита, што значи дека без проблем може и да го потопите во вода, односно нема да му пречи доколку ви падне во вир од вода на врнежлив ден.

Но, веројатно многу поважно, CAT S50c има MIL-SPEC 810 G, односно „војничка“ спецификација, според која е отпорен на удари и паѓање од максимум 1,2 метри без да се грижите дека ќе биде оштетен, како и дека ќе работи на екстремни температури под и над нулата.

И покрај тоа што делува идеално – сепак е телефон кој не може да го оштетите со нормално користење, CAT S50c има релативно слаби перформанси. Процесорот е Snapdragon 400 со четири јадра на 1,2 GHz, помогнати од само 1 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Дисплејот пак има големина од 4,7 инчи со HD резолуција, што е релативно малку со оглед на големината на телото – 142,2 x 76,2 x 12,47 милиметри, како и тежината, која изнесува 200 грама. Батеријата има капацитет од 2630 mAh, што би требало да е доволно за еден ден користење со оглед на перформансите. Android верзијата која се вградува е Lollipop 5.0.

Некои ќе речат дека нема ништо лошо во овие спецификации, се додека не Ви ја соопштам цената – дури 399 долари за отклучен модел. Но, ништо не е идеално. Тука се избира пред се издржливост – ова е смартфон кој сигурно ќе го платите еднаш и ќе го користите подолго време. За разлика од побрзата конкуренција…

Извор: Ubergizmo, GSMArena, PhoneArena

Претходна статијаСмартпортал неделник 11 – 17 јануари 2016
Следна статијаCompulab Airtop е нова гејминг десктоп машина со пасивно ладење