За многумина од нас, смартфоните се најмногу користеното парче електроника – буквално цел ден го поминуваме на нив, често допирајќи ги со валкани раце, за потоа да се насоберат секакви бактерии… Да, Вашиот телефон е една од најзагадените работи кои би можеле да ги допрете, пред се бидејќи чистењето и не е така лесно – освен ако не зборуваме за новиот Digno Rafre смартфон.
Digno Rafre е јапонски телефон, произведен во соработка на операторот KDDI и Kyocera, производители кои веќе имаат богата гама на уреди отпорни на вода, што мора да се спомне е главна мода на јапонскиот пазар – скоро и да нема телефон што не е отпорен. Но, овој телефон има уште посилен адут во ракавот – можноста да се мие со топла вода (до 43 степени) и сапуница! Да, ова е првиот телефон кој буквално може да си го измиете со сапун и да го одржувате редовно чист и без бактерии.
Ова не помага само за да го одржувате телефонот беспрекорно чист, туку значи и дека можете да го користите во бањата. За таа цел, во пакувањето производителот вклучува и патка на која може да се стави телефонот, а која плови над водата – генијално решение за гледање на видеа додека сте во топлата бања, а исто така и дисплејот на допир има посебна технологија која овозможува користење со влажни раце – супер за чет манијаците меѓу нас.
Останатите карактеристики на Digno Rafre не се толку импресивни – дисплејот има HD резолуција растегната на 5 инчи во дијагонала, процесорот има веројатно четири јадра (се уште нема дефинитивна информација) и е помогнат од 2 GB рам и 16 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера има солидни 13 мегапиксели, додека батеријата има 3000 mAh капацитет.
Телефонот ќе има вграден Android Lollipop 5.1, а ќе може да се порача во три бои – сина, кашмир бела и розова. Цената во Јапонија ќе изнесува 440 евра и скоро сигурно нема да може да се купи кај нас.