Кинескиот производител Elephone ќе биде прв на пазарот што ќе лансира телефон со два оперативни системи, нешто што Microsoft го најавуваше со лансирањето на Windows Phone 8.1. Со ваквиот пристап, корисникот ќе има можност да избере кој екосистем сака да го користи, а ќе може дури и да го менува оперативниот систем само со рестартирање на телефонот.
Инаку, се работи за телефон од највисоката класа, со екран со големина од 5,5 инчи и Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели, најдобри во светот 4 GB рам меморија, 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување со micro SD картичка и огромна батерија со капацитет од 3800 mAh, која би требала без никаков проблем да издржи околу два дена со едно полнење.
Чипсетот кој ќе се користи зависи од верзијата на телефонот. Имено, во почеток ќе биде понуден телефон само со Android, кој ќе има 64-битен MediaTek процесор со осум јадра, додека верзијата која ќе доаѓа со Android и Windows 10, ќе има Intel процесор од најновата Atom генерација со четири јадра. И двата чипсети ветуваат високи перформанси и се покажуваат како повеќе од способни на бенчмарковите.
Двете верзии ќе се разликуваат и во понудените камери. Android верзијата ќе го има постариот Sony сензор со 21 мегапиксели, додека Dual Boot верзијата ќе го има поновиот Sony сензор со 20,7 мегапиксели, кој ветува многу почисти фотографии во темни услови. Однадвор, Elephone е целосно изработен од метална школка, која овозможува премиум чувство, како што најавуваат и спецификациите. А како и iPhone 6 и Samsung Galaxy S6 и моделот на Elephone ќе биде понуден со скенер за читање на отпечатоци од прсти.
Засега, се уште немаме информации за името на моделот на Elephone, но се знае дека прво ќе биде лансирана верзијата само со Android 5.0 оперативен систем, додека во Јуни, кога ќе биде лансиран и Windows 10, ќе биде промовирана Dual Boot верзијата. Нормално, бидејќи се работи за кинески производител, се очекува и пониска цена од таа на која сме навикнале на телефони со вакви спецификации.
Извор: TechRadar