elephone-s7-black-front-and-back

Кинескиот производител Elephone, кој е пред сѐ познат по тоа што ги копира дизајните на етаблираните производители (а дури и ги рекламираат своите модели како уникатни!), лансира нов модел со идентичен дизајн на Galaxy S7 Edge, кој е и отпорен на експлозија. Каква експлозија? Од батеријата, секако.

Ова е прв удар насочен кон Samsung после дебаклот со Galaxy Note 7 – дури е и чудно што помина толку време пред некој да го направи тоа. Elephone S7 според производителот има дополнителна заштитна мембрана која нема да дозволи експлозија дури и ако батеријата се запали. Не дека батеријата би се запалила – тие велат дека е целосно безбедна, но дека ова е само дополнително ниво на безбедност. Јас би рекол дека е само приказна измислена од маркетинг одделот. Всушност, скоро и сум сигурен во тоа.

elephone-s7-screen-sizes

Како и да е, Elephone S7 ќе доаѓа во две изведби, со 5,2 и 5,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција. Дисплејот ќе биде закривен на страните, исто како Edge на Samsung, а закривен ќе биде и задниот дел изработен од стакло, исто како Edge на Samsung. Всушност, слободно може да се каже дека овие телефони се милиметар за милиметар копија на оние на Samsung, барем вака на прв поглед.

Перформансите ќе бидат мошне солидни – во внатрешноста е вграден Helio X20 чип на MediaTek со 10 јадра и ARM T880 графика, помогнат од 2, 3 или 4 GB рам и 16, 32 или 64 GB внатрешен простор зависно од моделот. Задната камера има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели, а батеријата има солиден капацитет од 3.000 mAh.

elephone_s7_01_1

Сите овие спецификации се уште поимпресивни кога ќе ви ја кажам цената – моделот со 2 GB рам и 16 GB простор чини само 140 долари, додека најмоќната верзија со 4 GB рам и 64 GB простор чини 200 долари. Интересно, има и поскапи модели, зависно од тоа која боја ќе ја одберете – златната е најевтина, потоа доаѓа сината (230 долари), црната (240 долари) и на крај зелената (250 долари).

elephone-s7-colors-rear

Извор: Android Authority, Ubergizmo, Elephone

Претходна статијаЗошто е добра конкуренцијата помеѓу Apple и Microsoft
Следна статијаMacedonia 2025 Summit: Како Скопје може да го реши проблемот со сообраќајот и мобилноста?