Стандардно за изминатите неколку години, читаме за тоа кој чип планираат од Samsung да го користат кај нивната најдобра Galaxy S серија, со надеж дека тоа ќе биде најновата верзија од Snapdragon.
Од компанијата обично прават некаква комбинација, зависно од регионот, а Ultra моделот е тој кој секаде го добива Snapdragon.
За Galaxy S26 серијата засега има силни индикации дека од Samsung повторно планираат да го користат нивниот Exynos чип во сите модели, вклучувајќи го и Ultra, во регионите каде што тоа е стандардно, односно надвор од САД и Јужна Кореа.
Овој пат корисниците не треба да бидат разочарани од оваа можност затоа што сите досегашни информации упатуваат кон доста големо подобрување на чипот и производствениот процес генерално.
Exynos 2600 не само што се очекува дека ќе биде одлична конкуренција, неофицијалните тестови кои се објавуваат покажуваат дека тој ќе може и да ја надмине.
За жал, овие тестови засега се неофицијални и нема начин да се потврдат, што значи дека не можеме да ги ставиме во категоријата на сигурни шпекулации како некои други.
Како и да е, според најновиот тест објавен на X, Exynos го надминува Snapdragon 8 Elite Gen 5 во перформансите на едно процесорско јадро, па дури е на ниво со најновиот чип за компјутерите од Apple, M5.
Идната година претставувањето на Galaxy S26 серијата се очекува нешто подоцна, па Galaxy Unpacked настанот наводно ќе се одржи на 25 февруари, повторно во Сан Франциско. Дотогаш ни остануваат само неофицијалните информации кои го прават чекањето поинтересно.











































