Светот на технологијата дефинитивно нема време за пауза – само што беа претставени новите S7-ки, почнаа да протекуваат информациите за новиот Galaxy Note на Samsung, кој според она што сега го знаеме ќе биде претставен во јули, ќе има вграден Android N и ќе биде исклучително моќен смартфон.
Ова е чудно бидејќи досега Samsung ги претставува Note смартфоните во август/септември, додека Google ја претставува секоја нова верзија на Android во октомври. Нормално, ако Google нема подготвена верзија на Android до лансирањето на новиот Note 6, би било и невозможно таа да се вгради во телефонот. Да не навлегуваме во тоа колку лош период за претставување е месецот во кој се користат летните одмори во скоро сите земји на северната хемисфера…
Од останатите информации, кои не се потврдени, но не е тешко да се погодат, Note 6 би требал да има Snapdragon 820 и Exynos 8890 процесор, овој пат веројатно со 6 GB рам, што би требало во големо да помогне при работење со повеќе апликации одеднаш, односно со две апликации една до друга, нешто што во уредите на Samsung го има одамна, а ќе пристигне како новитет и во Android N.
Дисплејот ќе има големина од 5,8 инчи и Quad HD резолуција, додека телефонот ќе биде достапен во две изведби – со 64 и 128 GB внатрешен простор. Очекувам да биде и отпорен на прскање и потопување во вода, исто како и Galaxy S7 и да има и простор за micro SD картичка. Edge верзија веројатно нема да има – Galaxy S7 Edge ќе биде единствениот таков модел во гамата.
Во наредниов период сепак со сигурност ќе имаме повеќе информации за Note 6, како и секогаш досега, па затоа секојдневно следете го Smartportal.
Извор: TechnoBuffalo, TechTimes, BGR