Стандардно за овој период од годината, Google оваа недела го претстави својот најнов смартфон од средната класа, односно Pixel телефонот со ознаката „а“ на крајот.
Претставен е Pixel 8a и како и неговите претходници, ќе им ги донесе дел од ланските најдобри карактеристики на корисниците за пониска цена од таа на главните модели кои обично ги претставуваат во октомври.
Pixel 8a го донесува ланскиот и моментално најдобриот чип од Google, Tensor G3 од Pixel 8 серијата, па корисниците можат да очекуваат одлични перформанси.
Покрај тоа, Google го истакнува и подобрувањето на екранот кој оваа година доаѓа со стапка на освежување од 120 херци, а е и за 40% посветол од тој кај ланскиот Pixel 7a.
Очекувано, Google посебно внимание посвети на нови функции со вештачка интелигенција кои ќе им бидат достапни на корисниците на Pixel 8a. Тие ги вклучуваат поголемиот број на функции за слики, како и можностите кои доаѓаат преку Google Assistant кој сега може да функционира на основа на Gemini.
Екранот на Google Pixel 8a е со големина од 6,1 инч, одлична големина според мене во категорија на смартфони која вклучува се поголеми екрани. Резолуцијата е 2400 на 1080 пиксели што е доволно за нивна густина од 430 пиксели на инч. Стапката на освежување со 120 херци, но верувам дека како и кај другите телефони од оваа класа, може да се намали до 60 херци, а не до 1.
Батеријата е со капацитет од 4492 mAh, a Google најавува повеќе од 24 часа можност за функционирање на истата.
Pixel 8a доаѓа со две камери на задната страна, односно 64 мегапиксели кај главната и 13 мегапиксели кај ултра широката камера. Предната камера исто така доаѓа со сензор од 13 мегапиксели.
Телефонот ќе се продава по цена од 499 долари, а кај нас не е официјално достапен, но често може да се купи преку мобиларите кои ги има неколку во градот.