hp-device-1-640x418

Mobile World Congress во Барселона е најголемото случување во мобилната телефонија, кое од наредната година ќе биде освежено и со влегувањето на HP во сегментот и тоа со смартфон со Windows 10 Mobile, чие име ќе биде Falcon.

Засега, информациите за телефонот се прилично измешани – некои извори јавуваат 5,4 инчен дисплеј со чудна резолуција од 1024х768 пиксели, која има сооднос од 4:3, што значи дека екранот би бил прилично „коцкаст“, а згора на тоа и со прилично слаба острина. Втората информација, која ја сметам за многу поверојатна е дека телефонот ќе има 5,8 инчен дисплеј со Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели и новиот Snapdragon 820 процесор.

Сепак и тука има нејаснотии – во информациите стои дека смартфонот ќе има 2 GB рам, што е малку веројатно за модел со еден од најмоќните процесори на планетата и особено малку за телефон кој веројатно ќе има и Continuum функција, односно можност да се користи како десктоп компјутер доколку се поврзе со надворешен дисплеј, маус и тастатура. Моја претпоставка – HP Falcon сигурно ќе има 4 GB рам.

Останатите спецификации делуваат поверојатно – ќе биде вграден 64 GB простор за складирање податоци, задна камера од 20 мегапиксели и предна од 12 мегапиксели.

Според сето ова, доколку новиот Falcon навистина го видиме во Барселона на Mobile World Congress, ќе биде вистински трн во окото на Lumia 950 XL, кој е знаменосецот на Microsoft. Сепак, ова е секогаш добро за крајните корисници, кои ќе добиваат се подобри и подобри телефони. На крајот на краиштата, Microsoft сигурно веќе има спремно одговор со веќе неколку пати најавуваниот Surface Phone за втората половина на наредната година.

Извор: Windows Central, WinBeta, Ubergizmo

Претходна статијаLG TONE+ – Супер квалитетно аудио во лесни за носење Bluetooth слушалки
Следна статијаGalaxy S7 сепак ќе има две варијанти – S7 и S7 Edge, а ќе има и скенер за зеницата на окото?