Тајванскиот производител преку својот твитер профил најави веб настан на 12 април, на кој ние веќе со сигурност знаеме дека ќе го претстави својот нов знаменосец наречен “10”, за кој ги имаме и скоро сите информации и спецификации.
Интересно, во најавата од HTC велат дека се опсесивни, а на сликата има еден спрат од зграда кој е осветлен. Идејата е веројатно да покажат дека работеле прекувремено и опсесивно за да го направат најдобриот смартфон, но Вие можете слободно да го искажете и своето мислење за пораката која ја праќаат во коментарите подолу.
See what we’re obsessed about on April 12 on https://t.co/NMJMew9UvA. #powerof10 pic.twitter.com/J3ZFCALvUx
— HTC (@htc) March 22, 2016
Да потсетиме, пред околу една недела, HTC твитна најава за камерата на 10-ката, која би требало, ако може да им се верува, да биде најдобра во високата класа, односно веројатно и најдобра камера кај сите смартфони воопшто. Сензорот инаку ќе има 12 мегапиксели, пардон, ултрапиксели, додека предната ќе има 5 ултрапиксели.
Од останатите спецификации, потврдено е дека дисплејот ќе биде со Super LCD 5 технологија и ќе има големина од 5,15 инчи во дијагонала, односно резолуција од 2560х1440 пиксели. Во внатрешноста е вграден супер моќниот Snapdragon 820 процесор на Qualcomm, помогнат од 4 GB рам и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD. Батеријата ќе има капацитет од 3.000 mAh.
Подобрената камера и моќните внатрешни компоненти за жал нема да бидат придружени од Boom Sound стерео звучниците во предниот дел, кои се едни од најголемите адути на HTC смартфоните од повисоките класи. Изработката и натаму ќе биде од алуминиум, со делумно променет дизајн.
Извор: TechRadar, Android Central, Venture Beat