Додека HTC го лансира наследникот на прилично неуспешниот HTC One M9, за вљубениците во брендот има нов модел од високата класа. Butterfly 3 е телефон со изработка од поликарбонат, за разлика од алуминиумскиот One, но со подобри спецификации и можности.
Чипот кој се употребува е истиот Snapdragon 810, помогнат од 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци, со можност за проширување преку micro SD картичка до 2 TB. Батеријата има капацитет од 2700 mAh, што е веројатно минимумот за еден телефон со ваков процесор. Екранот, за разлика од One M9 (Full HD, 5 инчи) има Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели и големина од 5,2 инчи во дијагонала.
Подобрување има и кај камерите – назад има две, како во претходните One модели. Идејата е корисникот да може да го менува полето на фокус откако ќе фотографира. Главниот сензор инаку има резолуција од 20,2 мегапиксели и леќа со f2.2 бленда, додека предната камера има сензор со 13 мегапиксели и исклучително брза f2.0 бленда, па очекувајте квалитетни селфи фотографии. Во поглед на снимањето видео, 4K Ultra HD резолуцијата е достапна само за задната камера, додека предната е ограничена на Full HD.
Плус во одноа на многу од конкурентите од високата класа е IP57 отпорноста на вода и прашина. Ова секако не значи дека можете да пливате со него, но сигурно ќе ви послужи кога сте под туш, ако толку не можете без вашиот телефон.Butterfly 3 инаку доаѓа со инсталиран Android Lollipop 5.0 и популарниот скин на HTC, Sense 7.
Цената изнесува 600 долари во Таиван, каде е веќе лансиран, но не сме сигурни колку би чинел кога ќе пристигне на европските пазари.
Извор: GSM Arena, Android Central