Microsoft оваа недела ја пушти најновата надградба за нивниот мобилен оперативен систем, Windows Phone 8.1 Update 1, за корисниците на Preview for Developers програмата. Меѓутоа корисниците на HTC 8X и 8S моделите, кои што веќе ја користат 8.1 надградбата не ја добија најновата, што предизвика негативни реакции, како и повеќе информации за можната причина. Надградбата се состои од две посебни надградби од кои што овие корисници без проблем ја добија првата, меѓутоа не и втората која што е Update 1 надградбата.
Прво се мислеше дека причината поради која што овие уреди не ја добиваат надградбата е поради потреба од драјвери кои што треба да ги издаде HTC. Меѓутоа сепак денес, после неколку дена од настанување на проблемот, од компанијата издадоа официјално известување.
Во известувањето стои дека HTC работи на случајот заедно со Microsoft и дека после одредени тестирања надградбата ќе биде пуштена за корисниците на 8X моделот. Точна дата не е дадена, меѓутоа сепак нема да треба да се чекаат неколку месеци. Она што ќе ги разочара одредени корисници е информацијата дека 8S моделот нема да ја добие оваа надградба. Овој модел не ги содржи потребните хардверски барања, што значи дека нема да се бара решение. Според други информации, можната причина за оваа одлука за 8S моделот е малата внатрешна меморија која што ја има уредот.