HTC-One-A9-Hero-image-FINAL-1 copy

Новиот модел на HTC, како и моделите од One M серијата, има луксузна алуминиумска изработка,  но сега премногу личи на iPhone 6S и ја доведува во прашање способноста на Тајванскиот производител да донесе вистинска иновација, како што тоа го направи пред неколку години со One M7.

Спецификациите на One A9 се солидни, особено ако се земе предвид цената од 399 долари во САД за отклучениот модел. Процесорот е новиот Snapdragon 617 со осум јадра, кој веројатно ќе биде доволен за мазно и флуидно работење со оперативниот систем.

Зависно од изведбата, процесорот ќе биде помогнат од комбинација на 2 GB рам и 16 GB простор за складирање податоци, односно 3 GB рам и 32 GB простор. За разлика од многу други модели со алуминиумско куќиште, тука ќе може да се стави и micro SD картичка за проширување на вградениот простор.

Дисплејот има големина од 5 инчи и Full HD резолуција, што е веќе норма во високата класа, но за прв пат во HTC е AMOLED екран. Под него е вграден и скенер за отпечатоци од прстите. Батеријата има капацитет од 2150 mAh и има поддршка за брзо полнење со Qualcomm QuickCharge 3.0.

Со оглед на класата, солидни се и камерите – задната има 13 мегапиксели и оптичка стабилизација што значи дека ќе биде добра за сликање навечер и за видео, додека селфи камерата е популарната Ultrapixel камера со големи пиксели и 4 мегапиксели резолуција.

Телефонот е и првиот кој не е од Nexus серијата што доаѓа со инсталиран Android Marshmallow 6.0, нормално со популарниот HTC Sense скин.

a9-3

HTC One A9 ќе биде достапен од ноември на пазарите низ светот и ќе треба да го има во понудата на повеќето големи оператори. Сега може да се купи од веб сајтот на HTC за 399 долари и тоа за помоќната верзија со 3 GB рам меморија и 32 GB простор за складирање податоци.

Извор: The Next Web, Engadget, Android Central

Претходна статијаDell ги претстави новите професионални Precision лаптоп и десктоп компјутери
Следна статијаPolar A360 – Паметна нараквица за професионални спортисти