HTC ги отстапи своите инженери на Google, по долгогодишната соработка помеѓу двете компании, пред 2 години, по што се доведе во прашање дали и какви уреди ќе може да видиме од овој бренд кој долго време беше на врвот на пазарот на смартфони.
Оваа недела повторно гледаме нови телефони со брендот на HTC, а го имаме и првиот 5G телефон од компанијата. Иако кога ќе се спомене 5G обично се очекува телефон од највисоката класа, сепак HTC на пазарот донесе два телефони од средно високата и средната класа.
HTC U20 5G е телефон од средно високата класа, а тоа се гледа и од чипсетот на којшто работи, Snapdragon 765G, а предноста на овој чипсет е што доаѓа со вграден 5G модем. Екранот на U20 5G е со големина од 6,8 инчи и има резолуција од 2.400 на 1.080 пиксели, а на горната лева страна има мала дупка за камерата.
Телефонот доаѓа со 8GB RAM меморија и 256GB простор за податоци, а има и одлична батерија со огромни 5.000 mAh со можност за брзо полнење. Нешто што сега станува се поретко, сензор за отпечатоци на задната страна, е дел од овој телефон, наместо под екранот.
HTC U20 5G има четири камери на задната страна и тоа 48 мегапикселна главна камера со f/1.8 за добри слики во темни услови, камера со ултра широк агол на сликање со 8 мегапиксели и уште две камери со по 2 мегапиксели за сликање од блиску, како и одредување на длабочината на сликата за подобри ефекти. Предната камера има 32 мегапиксели.
Вториот телефон е од нешто пониска класа од U20 5G, па така Desire 20 Pro доаѓа со нешто помал 6,5 инчен екран со резолуција од 2.340 на 1.080 пиксели. Работи на Snapdragon 665 и доаѓа со 6GB RAM меморија, како и 128GB простор за податоци.
HTC Desire 20 Pro нема 5G поддршка, но затоа доаѓа со истите камери на задната страна и истата огромна батерија од 5.000 mAh. Предната камера сепак има нешто помал сензор со 25 мегапиксели.
Двата телефони се најавува дека треба да се продаваат по цени од околу 640 долари за U20 5G и 300 долари за Desire 20 Pro. Дали ќе бидат достапни на нашиот пазар останува да видиме.