Најголемиот кинески производител скоро секој месец лансира нови модели на смартфони. Enjoy 7 Plus ќе биде наменет за оние со поплиток џеб и негови главни карактеристики се големиот дисплеј и големата батерија, но останатите спецификации се само просечни и дури и цената не е особено ниска.
Дисплејот на пример има големина од 5,5 инчи, но само HD резолуција, што е исклучително малку за толку голем дисплеј во 2017 година. Сепак, ниската резолуција, заедно со батеријата која има 4.000 mAh, треба да се доволни за долго траење со едно полнење. По слободна проценка, околу два дена користење.
Во внатрешноста е вграден Snapdragon 435 процесор со осум јадра, кој е чип од средно-ниската класа. Помогнат е од солидни 3 GB рам меморија и 32 GB простор за податоци. Камерите се солидни на хартија – задната има 12 мегапиксели, додека предната има 8 мегапиксели. Назад е вграден и читач за отпечатоци на прстите, кој стана веќе нормален дел кај сите кинески смартфони.
Добра вест е што Huawei Enjoy 7 Plus доаѓа со вграден Android 7.0, иако не би требало да се очекуваат идни надградби на понов Android – нив Huawei ги чува за смартфоните од високата класа.
Цената на телефонот во Кина е инаку 220 евра, но кај нас би можела да се покачи за 15-20%, што не е евтино како што би се очекувало од еден кинески смартфон со само просечни спецификации.
Извор: GSM Arena, Phone Arena, NDTV