Apple ја претстави новата генерација од нивниот iPhone, на 12 септември, а стана достапна во продажба на 22, барем во САД. Кај нас пред-нарачките започнаа на таа дата, а телефоните ќе станат достапни од 29 септември.
Тоа ни дава простор да ги видиме искуствата на американските корисници за да можеме подобро да одлучиме дали веднаш да го купиме најновото од Apple.
Од пријавите на одреден број на корисници, во главно преку друштвените мрежи, Apple изгледа има проблем со прегревање на Pro моделите од новата iPhone 15 серија.
Според дел од информациите, причината за тоа е промена во дизајнот на внатрешниот дел од телефоните и не доволно добро направениот систем за ладење. Ова од Apple го имаат направено со цел уредите да тежат помалку, па резултатите не се баш најдобри.
Други страни кажуваат дека овој проблем се јавува кај европските модели каде не е направен одреден распоред поради задржувањето на делот за SIM картичката, нешто што не е случајот во САД.
Тоа што се очекува е Apple да издаде софтверско решение на овој проблем, но тоа може да значи ограничување на процесорот, кој се промовира како еден од најсилните, а iPhone 15 Pro како играчка конзола.
Сепак, се’ уште не можеме официјално да кажеме дека овие телефони навистина имаат проблем со прегревање. Бројот на корисници кои пријавуваат вакво нешто е доста мал во споредба со милионите уреди кои се продаваат.
На тоа треба да се додаде дека и сегашните модели се загреваат доста кога има надградба на софтверот и слично, па новите корисници кои ги префрлуваат своите податоци, а системот се ажурира и оптимизира, може да предизвика привремен „проблем“ со температурата.
Чекаме во деновите и неделите што следат да видиме повеќе информации, тестирања, а можеби и официјални изјави за тоа дали iPhone 15 Pro серијата има ваков проблем и колку е сериозен.
Покрај овој проблем, можевме да видиме видеа во кои iPhone 15 Pro, кој користи титаниум, многу полесно се крши од претходните модели. На едно видео задното стакло многу лесно се крши со обично превиткување на телефонот со рацете.
Не толку добар старт на продажбата на iPhone 15 Pro серијата, која засега гледа огромни нарачки, кои ако продолжат пријавите за проблеми, може да паднат на долгорочен план.