Уште една неофицијална информација за претставување на мобилен телефон ни е достапна оваа недела. Овој пат се работи за iPhone 7 моделите за кои веќе излегоа доста шпекулации околу нивните карактеристики.
Според Bloomberg, Apple ќе одржи настан на 7-ми септември на којшто ќе бидат претставени најновите модели од iPhone. Со оглед на тоа што се ближи крајот на август, може многу брзо да очекуваме потврда на оваа информација.
Инаку, од информациите коишто досега беа објавувани, може да се добие претстава што да очекуваме од новите модели. Како што веќе неколку пати пишувавме, iPhone 7 генерацијата не треба да донесе многу новитети кои се најавуваат повеќе за наредната година со iPhone 8.
Сепак, некои од најавите оставаат простор за очекување на неколку промени кои нема да ја остават оваа генерација тотално неинтересна за корисниците. Па така, покрај новите компоненти, има најави за воведување на капацитивно home копче, односно копче кое ќе работи на допир. Ова копче исто така се најавува дека ќе ја има вградено и 3D Touch технологијата.
Конкуренцијата во оваа класа е голема, па дефинитивно останува интересно да се види што ќе претстават од Apple, а со оглед на најавите дека тоа нема да биде ништо посебно.
Извор: TechnoBuffalo