Фото: Samsung

Samsung официјално ја претстави новата Galaxy S26 серија на паметни телефони, а најзначајниот хардверски додаток е резервиран за најмоќниот модел, Galaxy S26 Ultra. Станува збор за функцијата наречена Privacy Display, која претставува прв вграден екран за приватност во мобилната индустрија. 

За разлика од стандардните софтверски решенија кои само го затемнуваат екранот или физичките заштитни фолии кои се лепат дополнително, оваа технологија е интегрирана директно во самиот панел на ниво на пиксели, овозможувајќи им на корисниците да ја сокријат содржината на екранот од луѓето во нивната непосредна близина.

Технологијата се потпира на прецизна контрола на насочувањето на светлината преку комбинација од хардвер и софтвер. Екранот користи специјализирани тесни и широки пиксели кои го контролираат распрснувањето на светлината. Тоа значи дека S26 Ultra има два вида на пиксели, наместо само еден како што е кај стандардните екрани. 

Кога функцијата Privacy Display е исклучена, екранот функционира нормално и нуди стандардни широки агли на гледање карактеристични за OLED панелите. При нејзино активирање, системот ја ограничува емисијата на светлина само кон корисникот кој гледа директно во уредот. За секој друг кој гледа од страна, одозгора или одоздола, екранот изгледа темен или целосно црн.

Корисниците имаат целосна контрола врз начинот на кој се применува оваа заштита на приватноста. Функцијата може да се вклучува мануелно преку брзите поставки или да се конфигурира да се активира автоматски во специфични ситуации, како на пример при отворање на банкарски апликации, менаџери за лозинки или при внесување на ПИН код за отклучување. 

Системот нуди режим за делумна приватност кој ги сокрива само известувањата (notificiation pop-ups) кои се појавуваат на екранот, како и режим за максимална заштита кој го ограничува аголот на гледање на целиот екран, што е особено корисно при користење на уредот во јавен превоз или во кафулиња.

Главната предност на овој вграден пристап е флексибилноста, односно можноста функцијата да се исклучи кога не е потребна. Традиционалните фолии за приватност трајно ги ограничуваат аглите на гледање, ја намалуваат максималната осветленост на екранот и можат да влијаат на острината на сликата.

Со Privacy Display кај Galaxy S26 Ultra, корисникот жртвува само мал дел од максималната осветленост тогаш кога функцијата е активно вклучена. Кога е исклучена, екранот го задржува својот висок визуелен квалитет, правејќи го ова решение многу попрактично за корисниците кои сакаат безбедност само тогаш кога работат со чувствителни податоци.